Автор: unet

  • ГАЗИ БАБА

    ГАЗИ БАБА

    ИСТОРИСКИ ПОДАТОЦИ

    Паркот на природата Гази Баба е тесно поврзан со формирањето и развојот на градот Скопје кој има долга историја почнувајки од пред новата ера до денес.

    Просторната разместеност на градот Скопје до балканските војни е од левата страна на реката Вардар, а ридовите Кале и Гази Баба претставувале главни јавни зелени и рекреативни површини.

    Поради природно-атрактивните, климатските и вегетациските карактеристики, ридот Гази Баба е планиран како за јавно градско зеленило и простор за спорт и рекреација во градот Скопје.

    Локалитетот Гази Баба, поточно ридот, своето име го добил според името на османлискиот кадија, научник и поет од 16 век Ашик Челеби, кој бил познат кај народот како кадија Гази Баба.

    Во минатото, возвишението Гази Баба од запад било ограничено со долината на реката Серава, од југ со алувијалната рамнина на реката Вардар, додека кон север – североисток се абразивните тераси со над 300 м надморска височина.

     

    ЛОКАЦИЈА

    Паркот на природата Гази Баба се наоѓа на оддалеченост од околу 3 km од центарот на градот Скопје во источен правец, помеѓу станбената населба Железара на исток, урбаните делови од населбата Чаир на запад, северните делови на населбата Автокоманда и од север со станбени делови од населбата Бутел 2.

     

    ЗНАЧЕЊЕ

    Претставува интересен природен простор чии вредности биле препознаени уште поодамна. Така, во педесеттите години од дваесеттиот век извршени се активности за оформување на простор со зеленило од околу 100 ha на кој природите вредности се надополнети со внесување на поголем број различни видови на дрвја со кои е подобрена вкупната шумовитост на подрачјето, кое во тој период било во фаза на индустриализација и урбанизација.

    Со оформувањето на овој зелен простор придонесено е за подобрување на квалитетот на животната средина, а со цел на негово трајно зачувување е прогласен за заштитено подрачје согласно Законот за заштита на природните реткости, со Одлука за прогласување на локалитетот Гази Баба за карактеристичен пејзаж, донесена од Советот на Град Скопје. Во март 2015 година, локалитетот Гази Баба е презаштитен со Законот за прогласување на локалитетот Парк – шума Гази Баба во Парк на природата.

    Од вкупната површината (108 ха) на паркот, најголем дел е под нискостеблени и високостеблени шуми, односно на 95 ха. Единствени тревни површини се јавуваат на југоисток во подножието на ридот на површина од околу 4,3 ха, на североисток 3,6 ха и над Природно-математичкиот факултет на површина од околу 2 ха. Овие површини претставувале некогаш ораници кои денес се користат како ливади.

    Со шумските површини и со чуварска служба на Паркот  управува ЈП Паркови и зеленило.

     

    РЕКРЕАТИВНИ ПОВРШИНИ

    Покрај пешачките патеки, кои претставуваат главни објекти за рекреација во паркот, поставени се видиковци, клупи и маси за одмор и пикник. Овие содржини се распоредени покрај уредените патеки и на влезовите во паркот. Земјаните патеки кои се во голема мерка обраснати со нискостеблеста вегетација не располагаат со пратечки рекреативни содржини. Како посебна уредена површина за рекреација претставува тревнатата површина во близина на јужниот влез на паркот на површина од 4300 м² . Оваа површина редовно се одржува како тревна површина на чиј влез се поставени информативни табли и содржини за спортување. На целата територијата од овој дел на паркот поставени се излетнички постројки со изградени објекти за пикник и одмор, кои се користат од посетителите особено за време на викенд. Трим патеките се користат од голем број на спортисти аматери и професионалци.

    Шумата Гази Баба претставува голем зелен остров во урбаното ткиво на Скопје. Ваква, релативно голема површина под шума, ретко се среќава во средиштето на една урбана средина. Просторот на шумата Гази Баба претставува нераскинлива целина и со старост на стеблата поголема од 30 – 40 години има непроценлива вредност и значење за зачувување на животната средина во Скопје, пред сѐ заради нејзината поливалентна функција изразена преку: прочистување на воздухот, заштита на почвата, регулирање на водниот режим и подобрување на микро климата, што позитивно влијае на квалитетот на животната средина во целост.

     

    ВЕГЕТАЦИЈА

    Денешниот изглед на растителноста во Паркот на природата Гази Баба претставува комбинација од автохтони и алохтони видови. На просторот доминираат дрвенести видови кои во најголем дел се засадени преку пошумување. Поголемиот број од дрвјата се на возраст помеѓу 40 и 50 години.

    Застапеноста на различните видови дрвја и грмушки досега е истражувана во неколку наврати. Во последните истражувања за потребите на оваа стручна студија утврдени се 79 видови на дрвја и грмушки кои се среќаваат на овој простор.

    Големиот број на растителни видови придонесуваат да се формира интересен природен амбиент, кој има повеќенаменско значење. Покрај разубавувањето на просторот и подобрувањето на микроклиматските и еколошките услови, овој простор е интересен и за спортски активности, како и за научни истражувања.

    Пошумувањето на просторот во голема мера допринело за негова обраснатост со различни видови дрвја и грмушки, кои се разликуваат според своите еколошки карактеристики па ваквиот голем број на видови на релативно мал простор од околу 100 ха преставува интересен и вреден природен простор. Сепак, постои голема несразмерност во поглед на застапеноста на видовите, така што, некои се среќаваат единечно, некои во вид на групи, а некои во оформени шумски насади. Најмногу застапени и најпрепознатливи на терен се насадите од: црн бор, амерички јасен и багрем.

    На поголем број места во помали или поголеми групи преку садење  засадени се:

    Кисело дрво – потекнува од Источна Азија има силна обновителна способност;

    Келреутерија – потекнува од Источна Азија, со инвазивни особенсти на подрачјето на Паркот на природата “Гази Баба“;

    Гледич – потекнува од Северна Америка и најчесто се одгледува како парковско дрво. Има солидна застапеност и на локалитетот Гази Баба;

    Mаклура – потекнува од Северна Америка, препознатлива е по своите топчести плодови со силна зеленикава боја.

    На различни места во обраснатите делови од просторот се среќаваат поголем број на интересни автохтони видови, кои се доста ретки во дендрофлората во Македонија, а во минатото ги имало на многу поголеми површини. Поради намалувањето на нивната популација тие се важни за одгледување и зачувување. Такви се полскиот брест, копривката и дивата круша. Полскиот брест на подрачјето на Паркот на природата “Гази Баба“ е застапен само со неколку стебла но неговата важност е голема поради тоа што тој е автохтон вид, кој е во исчезнување. Затоа за неговото опстојување потребно е да се води посебна грижа. Копривката е автохтон вид на дрво, кој се одликува со голема термофилност, сушоотпорност и светлољубивост. Претставува убаво декоративно дрво, кое е отпорно на загаден воздух но поради бавниот раст недоволно е употребувано.

     

    ФЛОРА

    Според податоците од флористичката литература и врз основа на, за жал, површните теренски истражувања, во овој момент за Паркот на природата „Гази Баба“ можеме да наведеме 141 растителен вид од 31 фамилија, меѓутоа нивниот број веројатно е поголем. Ваквата нецелосна проценка на состојбата со флората на овој простор сепак укажува дека и овде, во услови на максимално влијание на човекот, успеале да се зачуваат одреден број интересни автохтони растителни видови.

  • ВОДНО

    ВОДНО

    Парк шумата Водно денес е една од најзначајните зелени површини во околината на Скопје, која поради својата голема површина и намена, има незаменлива заштитна, санитарно-хигиенска, еколошка и спортско рекреативна улога.

    Пошумувањето на Водно е отпочнато веднаш после II светска војна, т.е од 1946 година. Со комплексни мерки за пошумување и заштитни мерки, голината е претворена во шума. Првичната намена била заштита на земјиштето од ерозија, на објектите и населбите во близина, но и подобрување на водениот режим на поширокиот простор. Водно е прогласено е за парк-шума во 1976 година, a под ингеренции на ЈП Паркови и зеленило пренесена е во 1988 год.

    Највисокиот врв на Водно – Крстoвар (1.067 m), со планинарскиот дом и милениумскиот крст, претставува видиковец и маркантно обележје на градот и целата Скопска котлина. На повисоките делови на Водно се зачувани видовите: костен, даб, јасен и габер.

    Во рамките на пошумените делови на Водно, особено се значајни и атрактивни чести насади на црн бор. Водно, за разлика од минатото, сега претставува целосно зашумен дел, благодарение на специфичната геолошка подлога и клима, населен со релативно богат растителен и животински свет.

    Од фауната на Водно најбогата, но и најмалку проучена, е фауната на без’рбетниците. Од друга страна пак, фауната е исто така богата со:  скакулци,  дневни пеперутки, тркачи, водоземци, влекачи, птици, цицачи. Додека, од габи се регистрирани 143 видови (најзастапени макромицети).

    Во парк шумата се сретнуваат седум воопштени групи на екосистеми:

    1. Природни шумски екосистеми

    * Дабови шуми

    * Костенови шуми

    * Шикари

    1. Антропогени шуми

    * Мешани листопадни и четинарски шумски насади

    * Црноборови насади

    1. Отворени простори со смреки
    2. Суви тревести екосистеми
    3. Варовнички клифови
    4. Обработливи површини, лозја и овоштарници
    5. Населени места

     

    Местоположба
    Водно се наоѓа во југозападниот дел на Скопската котлина, и на некој начин ја дели Скопската котлина на северен дел со градот Скопје и јужен дел од сливот на Маркова река и Брезничката висорамнина.

    Во правец исток-запад Водно се протега во должина од околу 12 км, почнувајќи од фабриката Усје, сè до реката Треска односно езерото Матка.

     

    Површина
    Водно се протега на површина од 4481,02 ха.

    Во оваа површина спаѓаат обраснатите шуми, необраснатите површини, пасишта и шумските патеки.

     

    Релјеф

    Најмалата надморска височина во парк шумата Водно изнесува 280м. Најголемата надморска височина изнесува 1066м.

    Оваа висинска разлика и стрмниот наклон на теренот овозможува успешен развој на шумски насади од повеќе видови дрвја, како што се: дабот, црниот бор, липата, брезата, костанот, габерот и др.

    Бидејќи парк шумата Водно се протега на различни надморски височини, а температурата на воздухот опаѓа со порастот на надморската височина, ова намалување изнесува 0,5˚ С на секои 100 м зголемена надморска височина.

     

    Шумите на Водно

    Најголем придонес за истражувањата  на флората на планината Водно дал германскиот ботаничар Јозеф Бормилер, кој наведува 264 видови. Во 1969 год. е објавено најзначајното дело за флората на Водно од Р. Дренковски во кое се набројани 1010 од кои 868 автохтони и 142 интродуирани видови. Заедно овој број изнесува 1124, што секако е импозантен број за еден вака мал масив.

    Вкупно обрасната површина на парк шумата Водно, изнесува 2593,12 ха.

    Од вкупно обрасната површина под високостеблени насади има површина од 737,83 ха или околу 28%.

     

    Цел

    Основна долгорочна цел на заштитата на парк шумата Водно е трајно опстојување на шумата и нејзино унапредување, со цел исполнување на сите општокорисни и заштитни функции. Парк шумата Водно е подигната како шума со посебна намена и како таква треба да опстојува.

    Водно е пошумено по вештачки пат со примена на различни методи и техники. Притоа користени се различни видови дрвја и грмушки, со цел на местото на гола, непродуктивна и ерозивна површина да се создаде шумска растетилност.

    Притоа многу важна е и едукацијата како понатаму да се постапува со шумите од оваа парк шума, бидејќи сè повеќе посетители се присутни, а видливи се одредени потенцијални загрозувања на шумата како од биотско, така и од абиотиско потекло.

    Во парк шумата Водно се наоѓаат неколку природни или културни споменици, кои бездруго  претставуваат интерес за посетителите. Тие се:

    • Локалитетот Маркова крушка – средновековна руина, се наоѓа на најисточниот дел од северните падини и се протега на околу 50 ха. Теренот е тешко прооден, но до рушевините лесно се доаѓа.

     

    • Палеонтолошки локалитет Мали Мост – се наоѓа под селото Горно Нерези, на 500 м надморска височина и е особено интересен објект. Тука има слој од јаглен лигнит. А над рудникот слој од бел песок во кој е најден остаток од Мастодонт – фосил, предок на денешниот слон. Освен научното значење, остатоците се атрактивни и за посетителите.

     

    • Манастир Св. Пантелејмон и Св. Никола – двата се во клисурата на реката Треска, а со нив треба да се постапува согласно Законот за заштита на културно – историските споменици. Во дворовите или околните вакафски места не е дозволено внесување алохтони видови дрвја и грмушки.

     

    • Врвот Кале – располага со посебни вредности, бидејќи претставува тромеѓе меѓу сливовите на Вардар, Треска и Маркова река. На северната страна под врвот има ретки и интересни растенија, кои треба да бидат строго заштитени, како што се: Ramondia nathaliae, Saxifraga scardica, Saxifraga grisebahii и Centaurea campylacme. Овој локалиет е интересен за научни истражувања, но може да претставува и интересна туристичка дестинација.
  • Дрво -виножито?

    Дали постои живо виножито? Да! Крајно откачено, но сепак, природна обоеност под ведро небо можете да најдете под сенката на ова живо виножито. „Виножитниот Еукалиптус“, кој припаѓа на видот Eucalyptus deglupta,навистина е едно од најневеројатните чудесни дрвја и дефинитивно има најубава кора од било кое друго дрво на Земјата.

    Кората е мазна и како што полека старее, ги менува нијансите од светло зелени до темно зелени, потоа синкасти до виолетови, црвенкасти и розево-портокалови. На крај, бојата станува костенливо кафена токму пред да разлисти. Бидејќи овој процес истовремено се одвива во различни делови од стеблото и во различни периоди, боите се различни и се менуваат постојано. Како резултат на ова, дрвото никогаш нема да има иста шара два пати, така создавајќи жива уметност.

    Сонце и виножита. Ова дрво сака сонце, но природно не расте на места со изразено суви периоди. Кога е влажно, на пример после дожд, стеблото поприма сончеви бои.

    Со овие светли и уникатно обоени стебла и гранки, прекрасно и јасно привлечно, „Виножитниот Еукалиптус“ е уште еден гигант на природата кој ни покажува дека дрвјата постојат во сите форми, големини и бои.

  • 9 Најретки растенија во светот

    Кои се најзагрозените растенија?

    Растенијата, исто како и загрозените животни, се многу важни во екосистемот – и човечката егзистенција се потпира на тој екосистем.

    Еве девет од најзагрозените растенија денес. Според IUCN (Интернационото Здружение за Заштита на Природата) речиси сите се класифицирани во најкритично загрозените. Овие растенија живеат на најнедостапните, зафрлени и далечни места на нашата планета. Нив им се заканува уништување на животната средина, нелегално собирање, крадење и натпревар од напаѓачките видови.

    Пичер“ растението е познато само во релативно недостапните врвови на Викторијанската Планина на Филипините. Се смета дека има само неколку стотици од нив. Пичер растенијaта се месојадни растенија кои ги ловат животните во сад исполнет со течност, наречен бокал. Ова растение е едно од најголемите, со бокали повисоки од 30см во кои можат да ловат инсекти и глувци.

    Самоубиствената палма е џиновска палма пронајдена само во зафрлените делови на северно-западен Мадагаскар. Живее околу 50 години, потоа расцветува само еднаш и набрзо умира. Самоубиствената палма е откриена во 2005 година. Имаат огромни распламтени лисја поголеми од 5м, а стеблото им достигнува до 18м, палмите можат да се видат на Google Earth. Во дивината постојат само околу 90.

    Необична орхидеја целиот живот го поминува под земја. Дури и цвета под земја, доцна во Мај или рано во Јуни, произведувајќи повеќе од стотина кремасти до црвеникави цветови со силна миризба. Живее само во грмушестите подрачја на западна Австралија. Има недостаток на хлорофил и не може да црпи сончева енергија како повеќето растенија. Наместо тоа се храни од корењата на грмушките, заразувајќи ги печурките поврзани со нив. Се смета дека има помалку од 50 растенија.

    Пронајдено во планините на Кверетарио во Мексико, „Голфовско топче е мал белузлав кактус кој изгледа како топче за голф. Неговите прекрасни розеви цветови станаа познати помеѓу хортикултуристите и премногу диви кактуси се нелегално собрани. Како резултат на ова, нивниот број опадна за повеќе од 95% во последните 20 години.  

    Косестото Venda cycad е познато само во Лимпопо прозинцијата во Јужна Африка. За прв пат беше опишано како нов вид во 1996.

    Исто како и голфовското топче  е загрозено од луѓето кои нелегално го собираат за декоративни цели и неговиот број опадна. Непотврдени информации велат дека ова растение е веќе исчезнат вид.

    Медуза се сметало за исчезнато, се додека не било повторно пронајдено во 1970. Неговото име веројатно го добило од плодовите, кои наликуваат на медуза кога ќе се отворат. Единствениот член на фамилијата Medusagynaceae, живее на Сејшелските Острови. Постојат само околу 86 израснати медузадрвја во светот, а некои од нив повеќе не раѓаат.

    Боцкавото дрво е екстремно бодликава грмушка пронајдена единствено на островот Анегада на Британските Девствени Острови. Овие острови се ниски па дрвјата можат да бидат поплавени од покаченото ниво на водата. Нивниот број не е познат, но познато е дека овие видови се на простор помал од 10 км. За да порасне шансата да преживеат, развиените дрвја се садат близу Ботаничката Градина во Тортола и во Кралската Ботаничка Градина во Англија.

    Малиот папрат личи на минијатурен магдонос. Пронајден е само на еден вулкански остров во Атлантскиот океан. Се сметало за исчезнато повеќе од 50 години, се до 2009 кога ботанички тим здогледал четири папрати. Тие растеле несигурно на еден нестабилен гребен свртен кон врвот на Ашесенскиот Остров, во непријатни и суви услови. За да ги спасат, истражувачите со недели ги негувале, одејќи до сртот со безбедносно јаже за да ги наводнат и да го отстранат плевелот. Кога растенијата почнале да произведуваат семе, тимот исекол мали делови од деловите кои произведувале семе и ги испратиле на размножуање во Кралската Ботаничка градина во Англија. Како и да е, папратите сеуште се многу ретки, со околу 40 зрели растенија во дивината.

    Коралното дрво, со своите светло црвени цветови и бодликаво стебло, живее само во далечните шуми на северно-источна Танзанија. Во 1998 се сметало за исчезнато, но било одново пронајдено во 2001 во еден мал дел од шумата. Како и да е, шумата била расчистена за да се зголеми производството на биогорива, а за видовите се стравувало дека се повторно исчезнати, сè додека не биле повторно пронајдени во 2011. Постојат помалку од 50 израснати дрвја во дивината на една единствена незаштитена локација.

  • Хуманоста пред сè!

    По повод светскиот ден на крводарување одржaвме уште една акција – овојпат крводарителска.

    Во организација заедно со Црвениот крст, а во соработка со Институтот за Трансфузиона медицина, во просториите на претпријатието се реализира акција на дарување крв. Вработените од сите реони на претпријатието земаа активно учество, покажувајќи ја својата хуманост за спасување на човечки животи. Покрај редовните активности и грижата за зеленилото, ова е уште еден од начините да ја покажеме нашата грижа, човечност, хуманост и добрина.
    Голема благодарност до сите учесници, крводарители во акцијата, а особена благодарност за посветената ангажираност на Црвениот крст и Институтот за Трансфузиона медецина.

  • Флораком

    Флораком

    ФЛОРАКОМ ДООЕЛ својата работа и делување ја извршува во рамките на ЈП „Паркови и зеленило“. Во својата основна дејност се занимава со производство на садници од сите видови, перенски материјал, сезонски расад, саксиски и резан цвет. Производството првенствено е наменето за потребите на ЈП „Паркови и зеленило“ односно за потребите на градот Скопје, помал дел се користи за малопродажба и комерцијални услуги.

    Ги обавуваме следните дејности:

    • Производство и продажба на украсни зимзелени и листопадни дрвца, грмушки, садници за пошумување, како и перени за пејсажна архитектура.
    • Производство и продажба на саксиско, цветно и лисно декоративно цвеќе.
    • Производство и продажба на пролетен и летен расад – сезонско цвеќе.

    Во својата дејност ги вршиме следните услуги:

    • Аранжирање жардиниери, аранжмани, букети, разни садови и венци од свежо и суво цвеќе.
    • Вршиме хортикултурно уредување и одржување на зелени површини, спортско-рекреативни игралишта, паркови, приватни дворови…
    • Вршиме аранжирање и декорирање на настани, јавни настапи, конференции, самити, јубилеи, културни случувања и разни манифестации.
    • Божиќни, новогодишни, велгденски декорации.
    • Свадбени букети, комплетна декорација на свадбени веселби.
    • Вршиме фитопатолошка и ентомолошка заштита на растенијата.
    • Можат да се добијат стручни совети за нега и садење на растенијата, помагаме во изборот на материјалот, даваме препораки и сугестии за колорит, стил, квалитет и количина.

    Флораком ДООЕЛ поседува два расадника и оранжерии каде што култивира разновиден саден материјал. Својата работа ја реализира преку две работни единици и три одделенија:

    РАСАДНИЧКО ПРОИЗВОДСТВО

    • Расадник „Бутел“ тел: +389 2 3070 114
    • Расадник „Флораком“  тел: +389 2 2673 277
    • Одделение за планирање, проектирање и екстериерно уредување

    ЦВЕТНО ПРОИЗВОДСТВО

    • Одделение за производство на саксиско и резано цвеќе
    • Одделение за производство на расад, луковици и перени
    • Одделение за техничко – технолошка поддршка на производство (одржување)
    • Одделение за комерцијално работење и малопродажба
    • Одделение за производствен контролинг и евиденција
    • Одделение за  техничко – технолошка поддршка