Историјат и развој
Градскиот парк е подигнат во далечната 1905 година, по налог на скопскиот валија Хафис Мехмед Паша, во времето кога Македонија била под турска власт. Тогаш се протегал на површина од 16 000 м² и бил уреден во строги геометриски форми со патеки и цветни површини. Бил наречен ИСЉОАНА, по тогашното занаетчиско училиште околу кое бил подигнат и претставува основа околу која понатаму се дооформува денешниот Градски парк.
Најголема промена во однос на неговата стуктура и големина е направена во 70 –тите години на XX век, кога е изработен Основен Главен проект за Градскиот парк, а првата значајна реконструкција е направена во 2009 година.
Површина и локација
Градскиот парк се наоѓа во централниот дел на Скопје. Според катастарски податоци на ЈП Паркови и зеленило, кое е задолжено за одржување на Градскиот парк, како дел на Градскиот парк се вбројуваат и Кејот на Вардар, со површина од 65 117м² и паркот на Франкофонијата, со површина од 19 028 м². Според ова, вкупната површина што денес го опфаќа целиот реон на Градскиот парк е 454 413 м². Бројот на листопадни дрвја, според Катастарскиот преглед за 2019 година, изнесува 6.012, на зимзелени 1.800, бројот на листопадни грмушки е 6050, додека зимзелени се 2630.
Подигање и изградба
На почетокот на XX век, Скопскиот санџак му припаѓал на Косовскиот вилает. Во тоа време, паша на вилаетот бил Хафиз Мехмед Паша, кој бил роден во Багдад и во 1820 година дошол во Скопје, кога и бил назначен за скопски валија. Тој ги изградил средното училиште Идадија, во близина на денешниот Градски парк, гимназијата Идадија-Мектеби, а ги уредил и коритата на реките Вардар и Серава.
Паркот е подигнат непосредно по изградбата на занаетчиското училиште ИСЛААНЕ, во негова непосредна близина. Го дизајнирале архитектите на Хафиз Мехмед Паша и долги години бил познат под името Ислахански парк. Теренот на кој бил создаден паркот бил рамен и претставувал поплавно подрачје на реката Вардар во чија близина и се наоѓал.
Првиот растителен метеријал кој бил насаден се состоел од јасика, платан, багрем, липа, кисело дрво, каталпа и јасен, а по краевите биле засадени фиданки од пирамидална топола. Од останатите видови се среќавале и врби, но и ниски грмушки, трева, перени и цвеќиња во саксии. Леите во паркот биле засадени со трева. Така создадениот парк во тие граници е најстариот дел од сегашниот Градски парк. Првобитните граници на Градскиот парк биле засадените пирамидални тополи, кои ја исцртувале границата на паркот (околу ресторанот Кермес). Вака оформениот парк претставувал основа за негово понатамошно проширување и уредување. Покрај засадените високостеблени дрвја во вид на дрвореди, биле засадени и рози, но нивното присуство е забележано нешто подоцна. Дрвните видови кои првобитно биле засадени, како тополите, јасените, каталпите и багремите се среќаваат и денес, а од нив со своите димензии посебно се истакнуваат платаните.
По изградбата на училиштето Ислахане во 1903 година, во дворот на училиштето биле засадени фиданки од црн бор, кои му давале посебен изглед на паркот.
За одржувањето на паркот бил изграден модерен базен со моторна пумпа за црпење вода од најблискиот јаз на реката Вардар.
Посебна убавина на паркот му давала куќата на управникот на паркот, која била изградена во швајцарски стил, а до неа имало стаклена градина од 200 м² за расад на цвеќиња за потребите на паркот. Во оваа вила бил сместен и магацин, столарска работилница и друго.
Во стаклените градини и покриените леи се произведувале растенија во саксии, разновидни декоративни дрвја за пресадување, кисело дрво, јасен, шпанско дрво, багрем, дудинка, американски јавор, ниски грмушки, иглолисни видови – вкупно 2500 примероци.
Во расадникот на паркот Идадија имало 14 000 садници. Во овој парк на површина од 2200 м² во алеи биле засадени 750 дрвја. Посебен изглед на паркот му давале живата ограда, а се водело и сметка паркот да биде на неколку висински нивоа.
Во периодот од 1918 – 1928 во паркот биле засадени вкупно 25 707 растениjа, а биле поставени и 30 клупи за одмор и една стражарница за чување на паркот.
Во овие граници паркот останал до 1923 година, кога започнало неговата реконструкција и поширување, под надлежност на еден австриски парковски градинар, кој го уредил во строго геометриски стил со ценрално поставена фонтана.
Така, во период од 10 години паркот Идадиjа кој потекнува од турскo време, значително се проширил на запад, на север и исток и го добил името Градски парк, а тоа е делот кој денес најчесто се именува како прв дел од Градски парк.
По тригодишниот престој, австрискиот градинар го напушта Скопје, а на негово место доаѓа инг. Протиќ, кој организира упраава за Градско зеленило со која раководи сè до 1941 година. Тој во својата работа развива прилична активност, проширувајќи го паркот, па така паралелно со уредувањето на првиот дел, започнало и уредувањето на вториот дел на паркот. Изградбата на овој дел трае до 1941 година и зазема површина од 85 ха, што заедно со првиот дел изнесувала 93 ха.
По 1945 година настапува периодот на исклучително големи зафати во комуналното уредување на градот. Ова е значаен период бидејќи тогаш површината на паркот се зголемува на 114 ха, поголем дел од стариот парк се реконструира и обновува, а се внесуваат и нови видови растенија, се оформуваат перенски леи, и друго. Дел од патеките се асфалтираат, а се градат и одделни објекти за одмор и рекреација на граѓаните.
За повоениот период карактеристично е тоа што целата територија на паркот доаѓа под една управа, како и целото градско, а подоцна и вонградско зеленило.
Основниот главен проект за Градскиот парк се наоѓа во ЈП Паркови и зеленило, според кој се изградени инфраструктурата, патеките и езерцата. Направена е и фонтаната зад Кермес, која е во барокен стил.
Во почетокот на 2008 година бил распишан конкурс за партерно и хортикултурно уредување на дел од Градскиот парк, преку кој е преуреден целиот простор околу споменикот Гоце Делчев и фонтаната Лотосов цвет, а извршена е и санација на плочникот.
Својот нов изглед паркот почнал да го добива на 29 април 2008 година, на роденденот на холандската кралица, кога е отворен детскиот лавиринт, подарок за градот од амбасадата на оваа земја. Поставено во близина е и детско игралиште, изработено од дрво и пластични елементи, а обновени се и постојните чешми за вода, и додадени се нови, со дополнително место за пиење вода на миленичињата.
Во март 2012 година, во вториот дел на Градскиот парк е отворен првиот парк за миленичиња, со површини од околу 1200 м² и опремен со различни содржини за забава на миленичињата, сè со цел да се заштитат останатите зелени површини во паркот.
Вегетациски состав
Реонот на Градскиот парк се карактеризира со посебно ретки и квалитетни насади. Вегетацискиот состав е изграден главно од видовите кои припаѓаат на јужно европско медитеранското подрачје. Но се среќаваат и видови од речиси сите страни на светот.
Како ретки видови, кои со децении опстојуваат во Градскиот парк, треба да се истакнат гинкото и џиновската секвоја, а во вториот дел од паркот јапонскиот цитрус, јапонскиот јавор и тулипановец.
Значење
Градскиот парк зазема голема површина во централното подрачје на градот Скопје, и е од непроценливо значење за градот и пошироката околина, како место каде граѓаните можат да се одморат или рекреираат.
По својата концепција Градскиот парк е уреден во слободен, пејсажен стил, во склад со современите потреби и барање на современото живеење. Водните површини, каналите, езерцата, дрворедите и патеките овозможуваат рекреативна, забавна и културна активност.
Извор: Магистерски труд – „Градскиот парк во Скопје од создавањето до денес и перспектива за неговото понатамошно пејзажно обликување“ – Дипл.шум.инг. Искра Апостоловска