ИСТОРИСКИ ПОДАТОЦИ
Паркот на природата Гази Баба е тесно поврзан со формирањето и развојот на градот Скопје кој има долга историја почнувајки од пред новата ера до денес.
Просторната разместеност на градот Скопје до балканските војни е од левата страна на реката Вардар, а ридовите Кале и Гази Баба претставувале главни јавни зелени и рекреативни површини.
Поради природно-атрактивните, климатските и вегетациските карактеристики, ридот Гази Баба е планиран како за јавно градско зеленило и простор за спорт и рекреација во градот Скопје.
Локалитетот Гази Баба, поточно ридот, своето име го добил според името на османлискиот кадија, научник и поет од 16 век Ашик Челеби, кој бил познат кај народот како кадија Гази Баба.
Во минатото, возвишението Гази Баба од запад било ограничено со долината на реката Серава, од југ со алувијалната рамнина на реката Вардар, додека кон север – североисток се абразивните тераси со над 300 м надморска височина.
ЛОКАЦИЈА
Паркот на природата Гази Баба се наоѓа на оддалеченост од околу 3 km од центарот на градот Скопје во источен правец, помеѓу станбената населба Железара на исток, урбаните делови од населбата Чаир на запад, северните делови на населбата Автокоманда и од север со станбени делови од населбата Бутел 2.
ЗНАЧЕЊЕ
Претставува интересен природен простор чии вредности биле препознаени уште поодамна. Така, во педесеттите години од дваесеттиот век извршени се активности за оформување на простор со зеленило од околу 100 ha на кој природите вредности се надополнети со внесување на поголем број различни видови на дрвја со кои е подобрена вкупната шумовитост на подрачјето, кое во тој период било во фаза на индустриализација и урбанизација.
Со оформувањето на овој зелен простор придонесено е за подобрување на квалитетот на животната средина, а со цел на негово трајно зачувување е прогласен за заштитено подрачје согласно Законот за заштита на природните реткости, со Одлука за прогласување на локалитетот Гази Баба за карактеристичен пејзаж, донесена од Советот на Град Скопје. Во март 2015 година, локалитетот Гази Баба е презаштитен со Законот за прогласување на локалитетот Парк – шума Гази Баба во Парк на природата.
Од вкупната површината (108 ха) на паркот, најголем дел е под нискостеблени и високостеблени шуми, односно на 95 ха. Единствени тревни површини се јавуваат на југоисток во подножието на ридот на површина од околу 4,3 ха, на североисток 3,6 ха и над Природно-математичкиот факултет на површина од околу 2 ха. Овие површини претставувале некогаш ораници кои денес се користат како ливади.
Со шумските површини и со чуварска служба на Паркот управува ЈП Паркови и зеленило.
РЕКРЕАТИВНИ ПОВРШИНИ
Покрај пешачките патеки, кои претставуваат главни објекти за рекреација во паркот, поставени се видиковци, клупи и маси за одмор и пикник. Овие содржини се распоредени покрај уредените патеки и на влезовите во паркот. Земјаните патеки кои се во голема мерка обраснати со нискостеблеста вегетација не располагаат со пратечки рекреативни содржини. Како посебна уредена површина за рекреација претставува тревнатата површина во близина на јужниот влез на паркот на површина од 4300 м² . Оваа површина редовно се одржува како тревна површина на чиј влез се поставени информативни табли и содржини за спортување. На целата територијата од овој дел на паркот поставени се излетнички постројки со изградени објекти за пикник и одмор, кои се користат од посетителите особено за време на викенд. Трим патеките се користат од голем број на спортисти аматери и професионалци.
Шумата Гази Баба претставува голем зелен остров во урбаното ткиво на Скопје. Ваква, релативно голема површина под шума, ретко се среќава во средиштето на една урбана средина. Просторот на шумата Гази Баба претставува нераскинлива целина и со старост на стеблата поголема од 30 – 40 години има непроценлива вредност и значење за зачувување на животната средина во Скопје, пред сѐ заради нејзината поливалентна функција изразена преку: прочистување на воздухот, заштита на почвата, регулирање на водниот режим и подобрување на микро климата, што позитивно влијае на квалитетот на животната средина во целост.
ВЕГЕТАЦИЈА
Денешниот изглед на растителноста во Паркот на природата Гази Баба претставува комбинација од автохтони и алохтони видови. На просторот доминираат дрвенести видови кои во најголем дел се засадени преку пошумување. Поголемиот број од дрвјата се на возраст помеѓу 40 и 50 години.
Застапеноста на различните видови дрвја и грмушки досега е истражувана во неколку наврати. Во последните истражувања за потребите на оваа стручна студија утврдени се 79 видови на дрвја и грмушки кои се среќаваат на овој простор.
Големиот број на растителни видови придонесуваат да се формира интересен природен амбиент, кој има повеќенаменско значење. Покрај разубавувањето на просторот и подобрувањето на микроклиматските и еколошките услови, овој простор е интересен и за спортски активности, како и за научни истражувања.
Пошумувањето на просторот во голема мера допринело за негова обраснатост со различни видови дрвја и грмушки, кои се разликуваат според своите еколошки карактеристики па ваквиот голем број на видови на релативно мал простор од околу 100 ха преставува интересен и вреден природен простор. Сепак, постои голема несразмерност во поглед на застапеноста на видовите, така што, некои се среќаваат единечно, некои во вид на групи, а некои во оформени шумски насади. Најмногу застапени и најпрепознатливи на терен се насадите од: црн бор, амерички јасен и багрем.
На поголем број места во помали или поголеми групи преку садење засадени се:
Кисело дрво – потекнува од Источна Азија има силна обновителна способност;
Келреутерија – потекнува од Источна Азија, со инвазивни особенсти на подрачјето на Паркот на природата “Гази Баба“;
Гледич – потекнува од Северна Америка и најчесто се одгледува како парковско дрво. Има солидна застапеност и на локалитетот Гази Баба;
Mаклура – потекнува од Северна Америка, препознатлива е по своите топчести плодови со силна зеленикава боја.
На различни места во обраснатите делови од просторот се среќаваат поголем број на интересни автохтони видови, кои се доста ретки во дендрофлората во Македонија, а во минатото ги имало на многу поголеми површини. Поради намалувањето на нивната популација тие се важни за одгледување и зачувување. Такви се полскиот брест, копривката и дивата круша. Полскиот брест на подрачјето на Паркот на природата “Гази Баба“ е застапен само со неколку стебла но неговата важност е голема поради тоа што тој е автохтон вид, кој е во исчезнување. Затоа за неговото опстојување потребно е да се води посебна грижа. Копривката е автохтон вид на дрво, кој се одликува со голема термофилност, сушоотпорност и светлољубивост. Претставува убаво декоративно дрво, кое е отпорно на загаден воздух но поради бавниот раст недоволно е употребувано.
ФЛОРА
Според податоците од флористичката литература и врз основа на, за жал, површните теренски истражувања, во овој момент за Паркот на природата „Гази Баба“ можеме да наведеме 141 растителен вид од 31 фамилија, меѓутоа нивниот број веројатно е поголем. Ваквата нецелосна проценка на состојбата со флората на овој простор сепак укажува дека и овде, во услови на максимално влијание на човекот, успеале да се зачуваат одреден број интересни автохтони растителни видови.