Парк шумата Водно денес е една од најзначајните зелени површини во околината на Скопје, која поради својата голема површина и намена, има незаменлива заштитна, санитарно-хигиенска, еколошка и спортско рекреативна улога.
Пошумувањето на Водно е отпочнато веднаш после II светска војна, т.е од 1946 година. Со комплексни мерки за пошумување и заштитни мерки, голината е претворена во шума. Првичната намена била заштита на земјиштето од ерозија, на објектите и населбите во близина, но и подобрување на водениот режим на поширокиот простор. Водно е прогласено е за парк-шума во 1976 година, a под ингеренции на ЈП Паркови и зеленило пренесена е во 1988 год.
Највисокиот врв на Водно – Крстoвар (1.067 m), со планинарскиот дом и милениумскиот крст, претставува видиковец и маркантно обележје на градот и целата Скопска котлина. На повисоките делови на Водно се зачувани видовите: костен, даб, јасен и габер.
Во рамките на пошумените делови на Водно, особено се значајни и атрактивни чести насади на црн бор. Водно, за разлика од минатото, сега претставува целосно зашумен дел, благодарение на специфичната геолошка подлога и клима, населен со релативно богат растителен и животински свет.
Од фауната на Водно најбогата, но и најмалку проучена, е фауната на без’рбетниците. Од друга страна пак, фауната е исто така богата со: скакулци, дневни пеперутки, тркачи, водоземци, влекачи, птици, цицачи. Додека, од габи се регистрирани 143 видови (најзастапени макромицети).
Во парк шумата се сретнуваат седум воопштени групи на екосистеми:
- Природни шумски екосистеми
* Дабови шуми
* Костенови шуми
* Шикари
- Антропогени шуми
* Мешани листопадни и четинарски шумски насади
* Црноборови насади
- Отворени простори со смреки
- Суви тревести екосистеми
- Варовнички клифови
- Обработливи површини, лозја и овоштарници
- Населени места
Местоположба
Водно се наоѓа во југозападниот дел на Скопската котлина, и на некој начин ја дели Скопската котлина на северен дел со градот Скопје и јужен дел од сливот на Маркова река и Брезничката висорамнина.
Во правец исток-запад Водно се протега во должина од околу 12 км, почнувајќи од фабриката Усје, сè до реката Треска односно езерото Матка.
Површина
Водно се протега на површина од 4481,02 ха.
Во оваа површина спаѓаат обраснатите шуми, необраснатите површини, пасишта и шумските патеки.
Релјеф
Најмалата надморска височина во парк шумата Водно изнесува 280м. Најголемата надморска височина изнесува 1066м.
Оваа висинска разлика и стрмниот наклон на теренот овозможува успешен развој на шумски насади од повеќе видови дрвја, како што се: дабот, црниот бор, липата, брезата, костанот, габерот и др.
Бидејќи парк шумата Водно се протега на различни надморски височини, а температурата на воздухот опаѓа со порастот на надморската височина, ова намалување изнесува 0,5˚ С на секои 100 м зголемена надморска височина.
Шумите на Водно
Најголем придонес за истражувањата на флората на планината Водно дал германскиот ботаничар Јозеф Бормилер, кој наведува 264 видови. Во 1969 год. е објавено најзначајното дело за флората на Водно од Р. Дренковски во кое се набројани 1010 од кои 868 автохтони и 142 интродуирани видови. Заедно овој број изнесува 1124, што секако е импозантен број за еден вака мал масив.
Вкупно обрасната површина на парк шумата Водно, изнесува 2593,12 ха.
Од вкупно обрасната површина под високостеблени насади има површина од 737,83 ха или околу 28%.
Цел
Основна долгорочна цел на заштитата на парк шумата Водно е трајно опстојување на шумата и нејзино унапредување, со цел исполнување на сите општокорисни и заштитни функции. Парк шумата Водно е подигната како шума со посебна намена и како таква треба да опстојува.
Водно е пошумено по вештачки пат со примена на различни методи и техники. Притоа користени се различни видови дрвја и грмушки, со цел на местото на гола, непродуктивна и ерозивна површина да се создаде шумска растетилност.
Притоа многу важна е и едукацијата како понатаму да се постапува со шумите од оваа парк шума, бидејќи сè повеќе посетители се присутни, а видливи се одредени потенцијални загрозувања на шумата како од биотско, така и од абиотиско потекло.
Во парк шумата Водно се наоѓаат неколку природни или културни споменици, кои бездруго претставуваат интерес за посетителите. Тие се:
- Локалитетот Маркова крушка – средновековна руина, се наоѓа на најисточниот дел од северните падини и се протега на околу 50 ха. Теренот е тешко прооден, но до рушевините лесно се доаѓа.
- Палеонтолошки локалитет Мали Мост – се наоѓа под селото Горно Нерези, на 500 м надморска височина и е особено интересен објект. Тука има слој од јаглен лигнит. А над рудникот слој од бел песок во кој е најден остаток од Мастодонт – фосил, предок на денешниот слон. Освен научното значење, остатоците се атрактивни и за посетителите.
- Манастир Св. Пантелејмон и Св. Никола – двата се во клисурата на реката Треска, а со нив треба да се постапува согласно Законот за заштита на културно – историските споменици. Во дворовите или околните вакафски места не е дозволено внесување алохтони видови дрвја и грмушки.
- Врвот Кале – располага со посебни вредности, бидејќи претставува тромеѓе меѓу сливовите на Вардар, Треска и Маркова река. На северната страна под врвот има ретки и интересни растенија, кои треба да бидат строго заштитени, како што се: Ramondia nathaliae, Saxifraga scardica, Saxifraga grisebahii и Centaurea campylacme. Овој локалиет е интересен за научни истражувања, но може да претставува и интересна туристичка дестинација.