Скопскиот цветен фестивал е традиционална градска манифестација која го слави цвеќето, зеленилото, природата и другарувањето на отворено. Овој фестивал се одржува под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈП „Паркови и зеленило“ и сите граѓани имаат можност да уживаат во колоритот на цвеќињата и цветните аранжмани.
Фестивалот се одвива во два фестивалски дена (сабота и недела). Сите љубители на цвеќето, природата, уредувањето на просторот, креативци, професионалци и аматери, низ различни програми и активности имаат можност да ја изразат својата умешност со цвеќето, да дадат совети, консултации и идеи, поврзани со уредувањето и одржувањето на цвеќето и зеленилото. Фестивалот се одвива според следата програма:
- Цветно дефиле
- Свечено отварање на фестивалот
- Цветен центар – претставување на фирми од земјата и од странство, чија дејност е од областа на хортикултурата и производство на цветен и саден материјал.
- Креативни работилници и иновации. На цветниот фестивал се организираат креативни работилници за сите возрасни групи: работилница за деца, изработка на цветни аранжмани, венчиња од цвеќе, основи на фотографија, цртање и боење, драмски перформанси, ликовни работилници и друго.
- Дизајнирање на цветна приказна – уредување на цветни градини.
- Стручни совети за хортикултурно уредување – сите заинтересирани граѓани имаат можност да се информираат за одгледувањето на цвеќе и да добијат корисни совети од стручни лица со искуство во планирање, уредување и одржување на зелениот простор.
- Зона за забава – забавни и едукативни игри, ритмички и танцови групи, јога, пилатес, музички групи, отворена галерија, мултимедијални перформанси и тематски претстави.
- Еко пикник – место за одмор, релаксација, разговори, библиотека на отворено, разгледување и размена на списанија за уредување на надворешен простор.
На отворените штандови на фестивалот граѓаните можат да се вклучат во интерактивните работилници, да ја покажат својата умешност во креирањето со цвеќето, да се советуваат, да научат нешто ново, да купат цвеќе, да добијат идеја за уредување на своите тераси и да се дружат со пријателите во природа.