Категорија: Uncategorized

  • Парк Чаир

    Паркот Чаир се наоѓа во општина Чаир, на Бул. „Христијан Тодоровски Карпош“, до стадионот ФК Шкупи и е најпосетениот парк во општината.

    Подигнат е во време од 1929 – 1930  година. Се простира на околу 16.209 м2.
    Во паркот, според Катастарскиот преглед за 2019 година, има 31 зимзелени дрвја, 121 листопадни дрвја, 28 листопадни грмушки и околу 58м2 цветни површини.

    За Чаирскиот парк да биде постојано зелен, расцветан и чист, секојдневно се грижат екипите на ЈП Паркови и зеленило – Скопје.

    Од парковските содржини кои го разубавуваат паркот можете да сретнете детско игралиште, фитнес – зона за спорт и рекреација, многу клупи за одмор и релаксација под сенките на старите јасени и платани, интересна библиотека на отворено, две дрвени куќички и една прекрасна фонтана.

  • ГРАДСКИ ПАРК

    Историјат и развој

    Градскиот парк е подигнат во далечната 1905 година, по налог на скопскиот валија Хафис Мехмед Паша, во времето кога Македонија била под турска власт. Тогаш се протегал на површина од 16 000 м² и бил уреден во строги геометриски форми со патеки и цветни површини. Бил наречен ИСЉОАНА, по тогашното занаетчиско училиште околу кое бил подигнат и претставува основа околу која понатаму се дооформува денешниот Градски парк.

    Најголема промена во однос на неговата стуктура и големина е направена во 70 –тите години на XX век, кога е изработен Основен Главен проект за Градскиот парк, а првата значајна реконструкција е направена во 2009 година.

    Површина и локација

    Градскиот парк се наоѓа во централниот дел на Скопје. Според катастарски податоци на ЈП Паркови и зеленило, кое е задолжено за одржување на Градскиот парк, како дел на Градскиот парк се вбројуваат и Кејот на Вардар, со површина од 65 117м² и паркот на Франкофонијата, со површина од 19 028 м². Според ова, вкупната површина што денес го опфаќа целиот реон на Градскиот парк е 454 413 м². Бројот на листопадни дрвја, според Катастарскиот преглед за 2019 година, изнесува 6.012, на зимзелени 1.800, бројот на листопадни грмушки е 6050, додека зимзелени се 2630.

    Подигање и изградба

    На почетокот на XX век, Скопскиот санџак му припаѓал на Косовскиот вилает. Во тоа време, паша на вилаетот бил Хафиз Мехмед Паша, кој бил роден во Багдад и во 1820 година дошол во Скопје, кога и бил назначен за скопски валија. Тој ги изградил средното училиште Идадија, во близина на денешниот Градски парк, гимназијата Идадија-Мектеби, а ги уредил и коритата на реките Вардар и Серава.

    Паркот е подигнат непосредно по изградбата на занаетчиското училиште ИСЛААНЕ, во негова непосредна близина. Го дизајнирале архитектите на Хафиз Мехмед Паша и долги години бил познат под името Ислахански парк. Теренот на кој бил создаден паркот бил рамен и претставувал поплавно подрачје на реката Вардар во чија близина и се наоѓал.

    Првиот растителен метеријал кој бил насаден се состоел од јасика, платан, багрем, липа, кисело дрво, каталпа и јасен, а по краевите биле засадени фиданки од пирамидална топола. Од останатите видови се среќавале и врби, но и ниски грмушки, трева, перени и цвеќиња во саксии. Леите во паркот биле засадени со трева. Така создадениот парк во тие граници е најстариот дел од сегашниот Градски парк. Првобитните граници на Градскиот парк биле засадените пирамидални тополи, кои ја исцртувале границата на паркот (околу ресторанот Кермес). Вака оформениот парк претставувал основа за негово понатамошно проширување и уредување. Покрај засадените високостеблени дрвја во вид на дрвореди, биле засадени и рози, но нивното присуство е забележано нешто подоцна. Дрвните видови кои првобитно биле засадени, како тополите, јасените, каталпите и багремите се среќаваат и денес, а од нив со своите димензии посебно се истакнуваат платаните.

    По изградбата на училиштето Ислахане во 1903 година, во дворот на училиштето биле засадени фиданки од црн бор, кои му давале посебен изглед на паркот.

    За одржувањето на паркот бил изграден модерен базен со моторна пумпа за црпење вода од најблискиот јаз на реката Вардар.

    Посебна убавина на паркот му давала куќата на управникот на паркот, која била изградена во швајцарски стил, а до неа имало стаклена градина од 200 м² за расад на цвеќиња за потребите на паркот. Во оваа вила бил сместен и магацин, столарска работилница и друго.

    Во стаклените градини и покриените леи се произведувале растенија во саксии, разновидни декоративни дрвја за пресадување, кисело дрво, јасен, шпанско дрво, багрем, дудинка, американски јавор, ниски грмушки, иглолисни видови – вкупно 2500 примероци.
    Во расадникот на паркот Идадија имало 14 000 садници. Во овој парк на површина од 2200 м² во алеи биле засадени 750 дрвја. Посебен изглед на паркот му давале живата ограда, а се водело и сметка паркот да биде на неколку висински нивоа.
    Во периодот од 1918 – 1928 во паркот биле засадени вкупно 25 707 растениjа, а биле поставени и 30 клупи за одмор и една стражарница за чување на паркот.

    Во овие граници паркот останал до 1923 година, кога започнало неговата реконструкција и поширување, под надлежност на еден австриски парковски градинар, кој го уредил во строго геометриски стил со ценрално поставена фонтана.

    Така, во период од 10 години паркот Идадиjа кој потекнува од турскo време, значително се проширил на запад, на север и исток и го добил името Градски парк, а тоа е делот кој денес најчесто се именува како прв дел од Градски парк.

    По тригодишниот престој, австрискиот градинар го напушта Скопје, а на негово место доаѓа инг. Протиќ, кој организира упраава за Градско зеленило со која раководи сè до 1941 година. Тој во својата работа развива прилична активност, проширувајќи го паркот, па така паралелно со уредувањето на првиот дел, започнало и  уредувањето на вториот дел на паркот. Изградбата на овој дел трае до 1941 година и зазема површина од 85 ха, што заедно со првиот дел изнесувала 93 ха.

    По 1945 година настапува периодот на исклучително големи зафати во комуналното уредување на градот. Ова е значаен период бидејќи тогаш површината на паркот се зголемува на 114 ха, поголем дел од стариот парк се реконструира и обновува, а се внесуваат и нови видови растенија, се оформуваат перенски леи, и друго. Дел од патеките се асфалтираат, а се градат и одделни објекти за одмор и рекреација на граѓаните.
    За повоениот период карактеристично е тоа што целата територија на паркот доаѓа под една управа, како и целото градско, а подоцна и вонградско зеленило.

    Основниот главен проект за Градскиот парк се наоѓа во ЈП Паркови и зеленило, според кој се изградени инфраструктурата, патеките и езерцата. Направена е и фонтаната зад Кермес, која е во барокен стил.

    Во почетокот на 2008 година бил распишан конкурс за партерно и хортикултурно уредување на дел од Градскиот парк, преку кој е преуреден целиот простор околу споменикот Гоце Делчев и фонтаната Лотосов цвет, а извршена е и санација на плочникот.
    Својот нов изглед паркот почнал да го добива на 29 април 2008 година, на роденденот на холандската кралица, кога е отворен детскиот лавиринт, подарок за градот од амбасадата на оваа земја. Поставено во близина е и детско игралиште, изработено од дрво и пластични елементи, а обновени се и постојните чешми за вода, и додадени се нови, со дополнително место за пиење вода на миленичињата.

    Во март 2012 година, во вториот дел на Градскиот парк е отворен првиот парк за миленичиња, со површини од околу 1200 м² и опремен со различни содржини за забава на миленичињата, сè со цел да се заштитат останатите зелени површини во паркот.

    Вегетациски состав

    Реонот на Градскиот парк се карактеризира со посебно ретки и квалитетни насади. Вегетацискиот состав е изграден главно од видовите кои припаѓаат на јужно европско медитеранското подрачје. Но се среќаваат и видови од речиси сите страни на светот.

    Како ретки видови, кои со децении опстојуваат во Градскиот парк, треба да се истакнат гинкото и џиновската секвоја, а во вториот дел од паркот јапонскиот цитрус, јапонскиот јавор и тулипановец.

    Значење

    Градскиот парк зазема голема површина во централното подрачје на градот Скопје, и е од непроценливо значење за градот и пошироката околина, како место каде граѓаните можат да се одморат или рекреираат.

    По својата концепција Градскиот парк е уреден во слободен, пејсажен стил, во склад со современите потреби и барање на современото живеење. Водните површини, каналите, езерцата, дрворедите и патеките овозможуваат рекреативна, забавна и културна активност.

    Извор: Магистерски труд  – „Градскиот парк во Скопје од создавањето до денес и перспектива за неговото понатамошно пејзажно обликување“ – Дипл.шум.инг. Искра Апостоловска

  • Матка

    Богатството со природни и културни вредности го вбројуваат Кањонот Матка во еден од најрепрезентативните објекти на природата во Македонија. Мозаикот од најразлични геолошки, геоморфолошки, хидролошки, флористички и фаунистички карактеристики придонесуваат Кањонот Матка да претставува едно од најзначајните заштитени подрачја во нашата држава.

    Прекрасните видиковци, богатството со спелеолошки објекти посебно пештерите, уникатниот жив свет, културното и духовно богатсво, како и близината до градот дестинации во државата. Геодиверзитетот, богатството и разновидноста на компонентите на биодиверзитетот (флората, фунгијата и фауната) беа основната причина Собранието на Град Скопје во 1994 година да го прогласи Кањонот Матка за споменик на природата.

    Природните вредности на споменик на природата Кањон Матка произлегуваат од големото богатство и диверзитетот на видовите. Поедини растителни и животински видови кои се регистрирани на подрачјето на оваа заштитена област имаат посебно значење, со оглед на фактот дека истите се опфатени со меѓународните инструменти за заштита на природата, односно видовите се вклучени на прилозите на меѓународните конвенции, договори, директиви на ЕУ за заштита на природата и IUCN Црвената листа на загрозени видови.

    Кањонот Матка, како дел од Скопската котлина, се простира на југозападниот дел од неа, сместен по долниот тек на реката Треска.

    Површината на споменикот на природата Кањон Матка  изнесува 6576 хектари.

    Како комплексна единица која ги вклучува водните и копнените екосистеми, претставува ексклузивно ограничено подрачје со високо ниво на биолошка разновидност, хетерогеност и ендемизам, кое се смета за едно од највпечталивите македонски „врели точки“, по однос на биолошката разновидност и присуството на ендемски видови.

    И покрај фактот што голем број групи сеуште не се целосно проучени, досегашните податоци за фауната и флората на заштитеното подрачјe Кањон Матка покажуваат екстремно високо ниво на богатство на видови, што овозможува медитеранските видови да се среќаваат заедно со алпските, сибирските, или степски видови.

    Во заштитеното подрачје се присутни над 50 локални, национални и балкански ендемити.

    Во границите на заштитеното подрачје Матка присутни се следните значајни видови кои се наоѓаат на листите на следните меѓународни документи, конвенции и национални листи на ретки растителни видови:

    • IUCN Светска црвена листа (Walter & Gillet, 1998): Thymus oehmianus, Alkanna noneiformis, Centaurea grbavacensis, Genista nissana, Ramonda nathaliae, Viola kosaninii, Fritillaria graeca subsp. gussichiae.
    • CITES Конвенција ( fam. Orchidaceae): Anacamptis pyramidalis,

    Cephalathera longifolia, Limodorum aborativum, Orchis coriophora, Dactylorhiya maculata, Dactylorhiya sambucina, Orchis tridentata, Epipactis helleborine, Gymnadenia conopsea.

    Флората и вегетацијата на територија на заштитеното подрачје Природен споменик Кањон Матка се целосни истражени. Вегетацијата се состои од над 15 растителни заедници, кои имаат прецизно распространување во однос на нивната просторна застапеност и вметнати се во Вегетациската карта на заштитеното подрачје.

    Присутни се поединечни примероци од европскиот црн габер (Ostrya carpinifolia) и црниот јавор (Acer obtusatum) на повисоките, како и зелениката (Buxus sempervirens) на пониските надморски височини. На територијата на Република Македонија, застапеноста на зелениката е строго ограничена на неколку локалитети кои се често поврзани во речните клисури.

    Потврдено е присуството на неколку ретки вида, и тоа: Eryngium wiegandii и Mаthiola thessala. Исто така ендемичниот вид Македонско волчјо јаболко (Aristolochia macedonica) се појавува во рамките на заедницата, по стрмните падини од левата страна на реката Треска, над Манастирот Свети Андреја и браната Матка.

    Значајна карактеристика на Кањонот Матка е фактот што, заедно со медитеранските растителни видови, присутни се и растителни видови кои се карактеристични за повисоките планини, како што се видовите: Sesleria juncifolia, Sideritis scardica, Silene saxifrage и други.

    Во кањонот се регистрирани и 354 видови на пеперутки, 124 видови на птици, меѓу кои најзначаен е белоглавиот и египетскиот мршојадец.

    Паркот е составен од три пештери („Врело“, „Убава“ и „Крштална“), како и една подводна пештера („Подврело“).

    Кањонот Матка претставува и културно – историски локалитет, поради особеностите на самиот терен, каде можат да се сретнат поголем број на цркви и манастири.

    Моментални граници на заштитеното подрачје на споменикот на природата “Кањонот Матка”
    Ретки растителни видови во заштитеното подрачје
    Матка
    Onosma visiani
    Genissta nissana
    Viola kosaninii
    Viola herzogii
    Pulsatilla halleri subsp. macedonica
    Centaurea grbavacensi
  • Треска

    Рекреативниот комплекс е изграден во 1978 година, со самодопринос од граѓаните на град Скопје. Езерото Треска претставува рекреативно езеро во близина на Скопје, чија површина изнесува 186.000м² под зеленило и 130.000м² под водена површина.

    Зеленилото е застапено со автохтона вегетација, како и странично функционално  зеленило распоредено низ просторот во форма на групации, со применување на редовните активности за негово одржување.

    Објектот е изграден со цел овозможување и заштитата од несаканите воздушни струења и создавање на релативно тивки зони за  посета на жителите во летната сезона (во период на високи температури), место за рекреација и простор со разновидна вегетација со впечатлив колорит на ефекти.

    Поради загаденоста на водата, езерото е затворено како капачки објект од 1998 година, a  во 2017 година предадено e под ингеренции на Општина Сарај. Одржувањето на зеленилото во комплексот е во континуитет под надлежност на ЈП Паркови и зеленило – Скопје.

  • Сарај

    СРЦ Сарај се наоѓа во непосредна близина на Градот и има традиционално излетнички карактер.

    Овој локалитет претставува едно од најстарите излетнички места во Скопје, со површина од 240.000м².

    СЦ Сарај е изграден во 1948 година, кога бил предвиден и со урбанистичкиот план како регион Сарај-Матка исполнет со базени, фудбалски игралишта, трибини и патеки. Подоцна регионот Сарај-Матка прераснува во центар за спорт и рекреација со терени за спорт покрај реката Вардар и езерото Треска. Во 1955 година урбанистичкиот план е ревидиран и е изграден базенот, фудбалските игралишта и другите објекти за рекреација. Во 1964 година е направен нов урбанистички план, со кој биле испланирани јавното зеленило и спортско-рекреативните реони. Додека во 1971 година, од страна на Паркови и зеленило е направен проект за СЦ Сарај, со кој се дефинирани градското и вонградското зеленило, со паркови, плоштади и други зелени површини по бодовите на Скопје – вонградското зеленило, како и зеленилото за активна и пасивна рекреација. Планирани биле три големи парковски површини и 5 рекреативни подрачја, во кои се предвидени центри со плажи, хотели, ресторани и детски домови:

    • Сарај – Матка
    • Водно
    • Скопска Црна Гора
    • Катланово – Зелениково
    • Китка – Караџица

    Имало и тенденција езерото Треска и реонот Сарај – Матка да се поврзат со Водно и да претставуваат целина. Ова би се постигнало преку изградба на помали објекти, но, за жал, планираните активности останале нереализирани.

     

    Денес, како зеленило со оптимален интензитет на одржување СРЦ Сарај е дел од вонградското зеленило под ингеренција на Градот Скопје.

    Освен редовното одржување на зеленилото, поставеноста на вегетацијата е во слободен пејзаж, со парковски карактер, како и природен вегетациски состав.

    Од големо значење е улогата на просторот кој има парковски содржини (видиковци, тревници, детски игралишта, спортски терени и парковски елементи) кои нудат можност за одмор и рекреација за граѓаните на Скопје и околните населени места.

  • Дрвјата во Амазон сами си го прават дождот

    Амазонската дождовна шума е дом на чудни временски услови. Еден од нив е дека врне 2 до 3 месеци пред сезонските ветрови да почнат да го носат влажниот воздух од океанот. Сега, истражувачите велат дека конечно сфатиле од каде доаѓа оваа предвремена влагаод самите дрвја.

    Претходните истражувања покажаа рана акумулација на влага во атмосферата над Амазонно научниците не беа сигурни зошто. „Сè што може да се види е водена пареа, но не знаете од каде доаѓа“, вели Ронг Фу, климатски научник на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес. Сателитските податоци покажуваат дека покачувањето на влагата се совпаѓа со раззелувањето на шумата, или зголемувањето на лисјата, што ги довело научниците да се посомневаат дека влагата е можеби водена пареа ослободена при фотосинтеза. Во процесот на испарување, растенијата ослободуваат водена пареа од малечките пори на долната страна на листовите.

    Фу смета дека е можно растенијата да ослободат доволно влага за да створат ниско ниво на облаци над Амазон. Но, таа требала експлицитно да ја поврзе влагата со тропската шума.

    Затоа Фу и нејзините колеги ја набљудувале водената пареа над Амазон со Аура сателитот на НАСА, вселенско летало наменето за проучување на хемијата на Земјината атмосфера. Влагата која испарувала од океанот била полесна од влагата ослободена во атмосферата од растенијата. Тоа е затоа што за време на испарувањето, молекулите на водата кои содржат деутериум, тежок изотоп на хидроген направен од еден протон и еден неутрон, се враќаат назад во океанот. Спротивно на тоа, растенијата во испарувањето едноставно ја вовлекуваат водата од почвата и ја исфрлаат во воздухот без притоа да ја изменат нејзиниот изотопски состав.

    Сателитот открил дека влагата што се акумулира над дождовната шума била со големо количество на деутериум, па дури и дека тоа количество е највисоко за време на периодот на раззеленување, кога фотосинтезата е најсилна.

    Дождовните облаци предизвикани од дрвата може да имаат и други домино-ефекти на временските услови. Како што тие облаци ослободуваат дожд, ја загреваат атмосферата, предизвикувајќи подигнување на воздушната маса и циркулација.

    Научниците веруваат дека оваа циркулација е толку голема што ја поттикнува промената на правецот на ветровите да донесат уште повеќевлага од океанот.

    Во врска со улогата која растенијата ја имаат врз временските услови, научниците потврдуваат дека тие не се само „пасивни примачи“ и дека играат активна улога во регулирање на дождовите. Па така, спречувањето на уништувањето на шумите е важен чекор за луѓето да преземат нешто во спречувањето на сушата.