Екипите од Секторот Подигање зеленило изминатиов период според планираните активности во координација со Град Скопје извршија уредување на нови зелени површини на повеќе локации низ градот. Така, се заврши реконструкција на јавна зелена површина, зелен коридор потег од аголот на улица Февруарски поход со булевар Видое Смилевски Бато до булевар Србија, во општина Аеродром. Теренските екипи во неколку фази на овој потег извршија прекопување на површината и отстранување на почвениот слој, попoлнување на површината со квалитетна почва, рамнење на почвата, поставување на систем за полевање, се оформи тревник, по што е планирано и садење на дрвја и вегетација. Ова новоподигнато зеленило е со површина од 3.635м² и претставува зелен коридор помеѓу коловозната лента и вело патеката, а 12.517м² припаѓаат на широкиот појас од десната страна. Реализацијата е направена со цел да се добие естетски и функционално уредена површина, која истовремено ќе овозможи непречено движење на пешаците, велосипедистите и учесниците во сообраќајот.
Исто така, периодов екипите завршија со хортикултурно уредување на зелен плоштад на кеј Димитар Влахов. На површина од 3.244м² поделена на повеќе парцели со пешачки патеки, реализацијата опфати неколку етапи кои последователно се поврзани. Се изврши прекопување на површинскиот слој на почвата, пополнување на површината со квалитетна почва, рамнење на почвата, се инсталира систем за полевање, формиран е тревник како и оплеменување на површината со сезонски цветен расад.
Во насока на подигање и уредување на зелени површини низ зеленилото во градот, согласно приоритетите на планираните проекти, нашите екипи продолжуваат со активности и во периодот што следи.