СРЦ Сарај се наоѓа во непосредна близина на Градот и има традиционално излетнички карактер.

Овој локалитет претставува едно од најстарите излетнички места во Скопје, со површина од 240.000м².

СЦ Сарај е изграден во 1948 година, кога бил предвиден и со урбанистичкиот план како регион Сарај-Матка исполнет со базени, фудбалски игралишта, трибини и патеки. Подоцна регионот Сарај-Матка прераснува во центар за спорт и рекреација со терени за спорт покрај реката Вардар и езерото Треска. Во 1955 година урбанистичкиот план е ревидиран и е изграден базенот, фудбалските игралишта и другите објекти за рекреација. Во 1964 година е направен нов урбанистички план, со кој биле испланирани јавното зеленило и спортско-рекреативните реони. Додека во 1971 година, од страна на Паркови и зеленило е направен проект за СЦ Сарај, со кој се дефинирани градското и вонградското зеленило, со паркови, плоштади и други зелени површини по бодовите на Скопје – вонградското зеленило, како и зеленилото за активна и пасивна рекреација. Планирани биле три големи парковски површини и 5 рекреативни подрачја, во кои се предвидени центри со плажи, хотели, ресторани и детски домови:

  • Сарај – Матка
  • Водно
  • Скопска Црна Гора
  • Катланово – Зелениково
  • Китка – Караџица

Имало и тенденција езерото Треска и реонот Сарај – Матка да се поврзат со Водно и да претставуваат целина. Ова би се постигнало преку изградба на помали објекти, но, за жал, планираните активности останале нереализирани.

 

Денес, како зеленило со оптимален интензитет на одржување СРЦ Сарај е дел од вонградското зеленило под ингеренција на Градот Скопје.

Освен редовното одржување на зеленилото, поставеноста на вегетацијата е во слободен пејзаж, со парковски карактер, како и природен вегетациски состав.

Од големо значење е улогата на просторот кој има парковски содржини (видиковци, тревници, детски игралишта, спортски терени и парковски елементи) кои нудат можност за одмор и рекреација за граѓаните на Скопје и околните населени места.

Share