Постапка за сечење и кастрење дрвjа и гранки:

– Физичко/правно лице поднесува Барање до Град Скопје – Сектор за комунални работи.
(Барање за сечење (корнење-кастрење) на дрва, грмушки и жива ограда на јавна или дворна површина)

– Стручни лица со увид на лице место ја утврдуваат состојбата и потребата за сечење, односно кастрење на дрвото и донесуваат Решение.

– ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје ја најавува активноста во Град Скопје и релевантната општина и постапува според издаденото Решение.

Постапката се извршува според член 29 од Законот за урбано зеленило (бр. 08-371/1 од 15.01.2018 год.).

 

 

 

Член 29

 (1) Постапката за утврдување на потребата за сечење, односно кастрење на оштетено дрво, како и за дрво за кое надлежната служба ќе утврди потреба за негово сечење, односно кастрење, започнува со барање на физичко, правно лице или по службена должност.

(2) Врз основа на поднесеното барање од ставот (1) на овој член, општината или градот Скопје се должни да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“).

(3) Со решението од ставот (1) на овој член се определува извршителот и рокот во кој истото ќе се спроведе, согласно со Правилникот од од членот 12 став (3) од овој закон.

(4) Против решението од ставот (3) на овој член може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање.

– При временска непогода или во друг случај кога има паднати дрвја на коловоз или јавна површина, по дојава на Центар за управување со кризи екипата на сектор Дрвореди излегува на терен и го отстранува дрвото.

 

Постапка за обесштетување при вршење на активности од дејност:

  • Постапка при паднато дрво или гранка

Во случај на паднато дрво или гранка, постапката е прво да се извести МВР и да се направи увид и полициски записник на местото на настанот за констатација на состојбата. Потоа самиот оштетен прави фотографии како доказ (доколку е во можност) и доаѓа во Дирекцијата на претпријатието да го пријави настанатиот случај. Потоа се прави Пријава на штетата која ја изготвува лицето за осигурување  од ЈП  „Паркови и зеленило“, и се доставува до осигурителната компанија со која е склучен договор за обесштетување. Обесштетувањето се врши само во случај кога за тоа дрво има добиено Решение за сечење од Секторот за комунални работи на Град Скопје.

 

  • Постапка при одржување (косење) на јавно зеленило

Во случај на настанување на штета при вршење на работни активности од дејност постпката е следна: прво се известува – повикува МВР и се прави увид и полициски записник  на местото на настанот за констатација на состојбата. Потоа раководителот на реонот дава  Изјава  за настанатата штета и истата се доставува во Дирекцијата на претпријатието. Потоа се прави  Пријава  на штетата која ја изготвува лицето за осигурување од ЈП „Паркови и зеленило“, и се доставува до осигурителната компанија со која е склучен договор за обесштетување.

Share